Раководството на МЗТ Скопје по потврдувањето на статусот на Ѓорѓи Кочов како шеф на стручниот штаб сега се насочува кон екипирање на играчкиот ростер. „Металците“ под договор ги имаат Маслинко и Соколов, се преговара со капитенот Дамјан Стојановски, но во меѓувреме се разгледуваат и потенцијалните странски засилувања.
На самиот врв од таа листа се наоѓа најатрактивниот кошаркар во македонското првенство ланската сезона, Двејн Бенџамин од екипата на Блокотехна. Американецот беше вистинско откровение, одигра извонредно цела сезона, а во последните месеци и покрај незгодната повреда на рамото имаше значајна улога во тимот од Гевгелија, кој во полуфиналето од плејофот го намачи МЗТ. Станува збор за крилен кошаркар кој по потреба може да покрие уште неколку позиции во тимот, што го прави идеално решение за тренерот Кочов.
Проблем за „металците“ е што со добрите игри во Македонија, но и во БИБЛ овој кошаркар доби неколку интересни понуди од клубови во регионот, во игра е и неговиот актуелен тим Блокотехна, па јасно е дека на аеродромци нема да им биде нималку лесно да излезат како победници од оваа трка. Доколку успеат во тоа, без сомнеж би добиле играч од висок калибар, странец што би бил вистинско засилување за оваа екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА