Бенфика објави дека ќе поднесе жалба на одлуката на Европската фудбалска федерација (УЕФА), која привремено го суспендираше играчот на лисабонскиот тим Џанлука Престијани на еден натпревар поради обвинувања дека расистички го навредил напаѓачот на Реал Винисиус Жуниор.
Минатата недела, фудбалерите на Реал Мадрид ја победија Бенфика со 0-1 во првиот натпревар од плејофот на Лигата на шампионите. Единствениот гол на натпреварот го постигна Винисиус, кој потоа го обвини Престијани дека го навредил расистички, поради што натпреварот беше прекинат десет минути.
Престинијани негираше дека го навредил играчот на Реал на расна основа, а УЕФА изјави дека одлуката на нејзиното Тело за контрола, етика и дисциплина (CEDB) е поврзана со дискриминаторско однесување.
Поради суспензијата, играчот на Бенфика ќе мора да го пропушти реваншот помеѓу Реал и Бенфика, кој е закажан за среда во Мадрид.
„Клубот жали што е лишен од играчот додека постапката сè уште е во тек. Ќе се жалиме на оваа одлука до УЕФА, иако е малку веројатно дека спорните рокови ќе имаат какво било влијание врз реваншот од плејофот за Лигата на шампионите“, соопшти клубот од Лисабон.
Во соопштението на Бенфика се нагласува дека борбата против расизмот е основа на традицијата на клубот.
„Бенфика ја потврдува својата непоколеблива посветеност на борбата против сите форми на расизам и дискриминација, вредности кои се дел од нејзиниот историски идентитет и се рефлектираат во нејзините секојдневни активности, глобалната заедница, работата на Фондацијата Бенфика и истакнати личности во историјата на клубот, како што е Еузебио“, се заклучува во соопштението за медиумите на клубот од Лисабон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

