Еден од најдобрите напаѓачи на денешницата, Карим Бензема, уште еднаш го изрази своето незадоволство од прогласувањето на најдобриот играч на светот за 2022 година. Асот на Реал Мадрид смета дека наградата требало да му припадне нему, а не на Лионел Меси.
Бензема, кој има фантастична сезона во дресот на „кралскиот клуб“, е добитник на „Златната топка“ за 2022 година, а заедно со Меси и Мбапе беше еден од главните кандидати за престижната награда „The Best“, која е доделена од ФИФА врз основа на гласовите на селекторите и капитените на националните тимови.
На свеченоста одржана во Париз немаше претставници на Реал Мадрид, а причина беше одлуката наградата да му се додели на Меси. Разочараниот Бензема најпрвин објави стори на својот Инстаграм каде непознато лице на видеото вели: „Лажговци, да, лажговци“.
Еден ден подоцна, Бензема уште еднаш го изрази своето незадоволство објавувајќи серија сторија. Прво, тој објави заедничка слика со Винисиус Јуниор со натпис „Ѕверови“, јасно алудирајќи на одлуката на ФИФА минатата година да го остави бразилскиот напаѓач надвор од најдобриот тим. Тој потоа сподели објава на една страница во која ги истакнува сите негови достигнувања во изминатата година.
Заедно со низата лични награди, меѓу кои „Златната топка“, титулата најдобар фудбалер во Европа, МВП на Лигата на шампионите, титулата најдобар играч на шпанското првенство, Бензема потсети и на успесите на тимот. Ја освои Лигата на нации, Лигата на шампионите, Ла Лига, Светското клупско првенство… и постигна 63 гола и 21 асистенција. После тоа објави фотографија на која позира со порака: „Добра ноќ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА