Бензема нема да биде исклучен од репрезентацијата на Франција

Карим Бензема нема да биде исклучен од репрезентацијата на Франција без оглед на тоа дали ќе му биде изречена казна за учеството во уценувањето на Матју Валбуена, откри претседателот на Фудбалска федерација на Франција, Ноел ле Гре.

Бензема е обвинет за соучество во обид за уцена на поранешниот соиграч во 2015 година, но како што вели претседателот на ФФФ, одлуката за повик на напаѓачот во репрезентацијата е на селекторот Дидие Дешамп.

„Тренерот е одговорен за селекција, а Бензема нема да биде исклучен и покрај можна судска казна. Дури и да биде казнет со условна казна, тој и понатаму има право на жалба. Неговиот повик во репрезентацијата нема да биде поврзан со овој случај. Јас никогаш нема да интервенирам во целиот случај. Се е на Дидие Дешамп“, вели Ле Гре.

Интересно, токму Ле Гре инсистираше на суспензија на голгетерот на Реал Мадрид во периодот кога првпат се дозна за случајот во јавноста, по што Бензема со години не беше дел од националниот тим.

Се вчитува...