Критиките на адреса на Манчестер Јунајтед растат по секој нов натпревар, но додека медиумите главниот удар го насочуваат кон Ерик тен Хаг, легендарниот голгетер Димитар Бербатов удри со дрва и камења по фудбалерите на најтрофејниот англиски клуб.
Јунајтед денеска ремизираше на гостувањето против Астон Вила, а поранешниот напаѓач на „црвените ѓаволи“ им порача на фудбалерите на двата тима дека треба да се засрамат штом наградата за најкорисен играч на мечот му припадна на ветеранот Џони Еванс.
„Се обидувам да ги најдам вистинските зборови… Сите кои беа на теренот денеска треба да се засрамат штом Џони Еванс е играч на натпреварот. Секоја чест за Џони, но тој има 36 години, останатите треба да се запрашаат што правеа на денешниот натпревар. Нема дилема дека критиките ќе стануваат се погласни, нормално е да се очекува Јунајтед да победува и да освојува бодови. За жал, со начинот на кој играат, тоа ќе биде многу тешко“, истакна Бербатов, кој попладнево беше специјален гостин на Скај Спортс за анализа на мечот на „Вила Парк“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА