Берлин поразен дома пред гостувањето во Битола

Фухсе Берлин по 11 години се врати во Лигата на Шампионите, но камбекот во елитното натпреварување нема да биде запомнет по добро откако германскиот тим загуби на домашен терен од Веспрем со резултат 31-32. Во мечот што одлично го водеше македонската двојка Начевски – Николов пресуди второто полувреме во кое почна да блеска гостинскиот голман Коралес, трасирајќи го патот до голем триумф на унгарскиот гигант.

Веспрем поведе со „плус четири“, домаќините успеаја само да ја преполоват негативата, но гостите од Унгарија стигнаа до предност од 26-31. Кога Ремили погоди од десет метри за 28-32 на нешто повеќе од две минути до крајот се чинеше дека се е готово. Берлин не се предаде, постигна три гола за 31-32, а потоа имаше и последен напад за израмнување, но Коралес го запре обидот на Андерсон и му ги донесе бодовите на Веспрем. Шпанскиот голман со 17 одбрани беше најзаслужен за победа, во нападот Ремили постигна 11 гола за Веспрем, додека Фабрегас го заврши мечот со пет погодоци. Гидсел со десет гола беше најефикасен во таборот на Берлин, на чиј гол блескаше Милосављев со 17 интервенции, што сепак се покажа недоволно за да се стигне до позитивен резултат на овој меч.

Фухсе Берлин во второто коло му гостува на македонскиот првак Е. Пелистер во Битола, додека Веспрем во премиерниот меч на домашен терен ќе го пречека тимот на ПСЖ.

Ракометарите на Киелце победнички го отворија настапот во новата сезона од ЛШ, триумфирајќи на домашен терен против Загреб со 30-23. Киелце отвори одлично, поведе со 7-3 и 8-4, но Загреб експресно возврати и израмни на 9-9. На одмор се замина со израмнети 13-13, но полскиот вицепрвак во вториот дел повторно презеде контрола и рутински триумфираше со „плус седум“. Игор Карачиќ ги предводеше стрелците на победничкиот тим со пет гола, пред Кунку, Олејничак и Дани Душебајев со по четири погодоци.

Се вчитува...