Ѕвездата на Монако, Бернардо Силва е пред сензационален трансфер во Манчестер сити откако Португалецот се согласи да игра под крилото на Гвардиола, а Монако за возврат ќе добие 75 милиони евра. Maнчестер Јунајтед и Челси беа меѓу фаворитите за неговиот потпис, англиските медиуми денес објавија дека Силва слетал во Манчестер да го комплетира трансферот и медицинските прегледи во Сити.
22-годишниот португалски плејмејкер пред неколку дена стана шампион на Франција со екипата на Монако, стигна до полуфиналето од Лигата на шампиони, а во својата феноменална сезона забележа 11 погодоци и 12 асистенци. Според неговиот придонес за тимот, не е ни чудо што има голем интерес за негов ангажман и што се создаде „војна“ меѓу Мурињо и Гвардиола за потписот на Силва.
Се шпекулира дека Сити имаат минимална предност, токму поради Пеп, иако Силва е сонародник со Мурињо. Фудбалерот на Монако ги преферира заповедите на шпанскиот стратег, а несомнено е дека добро ќе се усогласи со Де Брујне, Силва, Гундоган и Сане.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА