Бернардо Силва: Примивме еден гол и престанавме да играме

Огромно е разочарувањето во таборот на Манчестер Сити по слабото издание и убедливиот пораз во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите од Реал Мадрид, по кој „граѓаните“ се наоѓаат на работ на елиминација од елитното европско натпреварување.

„Тешко е да се говори по еден ваков меч… мислам дека почнавме сосема добро,  имавме контрола над топката, креиравме простор, но потоа го примивме првиот гол и целосно застанавме. Престанавме да играме, да ја контролираме средината од теренот, да стигнуваме до оние „втори топки“ што се одбиваа. А кога играте со ривал како Реал Мадрид и ви се случи такво нешто, нормално е да ја платите цената“, истакна Бернардо Силва.

Фудбалерите на Сити можат да бидат и среќни што не загубија со повеќе од 3-0 ако се знае декa Винисиус не реализираше пенал, но Силва жали што неговиот тим не постигна барем еден гол на „Сантијаго Бернабеу“, со што ќе си ја олеснеше задачата на реваншот, кој сега ќе претставува „невозможна мисија“.

„Фрустрирачки е што не дадовме гол. Имавме шанси, имавме посед, на полувремето велевме дека иако губиме со 3-0, со еден гол можеме да се вратиме… за жал тоа не се случи. Сега кога е 3-0 е многу потешко, но гарантирам дека ќе влеземе во реваншот со верба дека имаме шанси да се пласираме во четвртфиналето“, порачува португалскиот интернационалец во дресот на Манчестер Сити.

Се вчитува...