Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, има намера да ја купи бразилската патека „Интерлагос“. Еклстон веќе имал состанок со градоначалникот на Сао Паоло, Жоао Дориа, кој има план за приватизација на градот, и го изразил својот интерес за купување на патеката.
Лошата финансиска состојба во која се наоѓа Бразил е една од причините за новата политика на градот, според која на продажба е ставена и патекаат „Интерлагос“. Во продажбата на Ф1 патеката има клаузула според која новиот сопственик ќе треба финансиски да обезбеди патеката да остане во функција на подолг рок.
„Интерлагос“ има договор со Формула 1 до 2020 година, но поради финансиската криза постои сериозна опасност бразилската патека да го загуби местото во календарот на Ф1.
Фелипе Маса кој е единствен Бразилец од актуелните возачи во Формула 1, го поддржува Еклстон во намерата да ја купи бразилската патека и верува дека тој најдобро би можел да стопанисува со „Интерлагос“.
„Ако некој е заинтересиран да ја купи „Интерлагос“ и да направи нешто добро за за патеката и за градот, тоа е добро. Но, треба да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите и да се надеваме на најдобро. Берни е човек кој не купува нешто ако не верува дека тоа е добро да се направи. Ако Берни е заинтересиран за „Интерлагос“, комплетно ја има мојата поддршка“– изјави Фелипе Маса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА