Берокал: За мене е привилегија што станав селектор на Македонија

Хозе Марија Берокал од денеска и официјално ја почнува својата ера како селектор на македонската репрезентација, откако шпанскиот селектор беше промовиран како нов предводник на нашиот национален тим.

Берокал полн со ентузијазам влегува во новиот предизвик, што ќе стартува со домашниот дуел против Луксембург закажан за петок.

„Среќен сум што сум тука, за мене е привилегија да бидам селектор на Македонија. Знам дека периодот е краток за подготовки за овој прозорец на ФИБА, но оптимист сум бидејќи во овие два тренинзи што ги имав видов дека кај играчите постои голема желба за работа, за напредок. Како што зборував со Владо Илиевски, треба да размислуваме на долги патеки… да го унапредуваме тимот, но и за следните генерации, кои ќе дојдат во репрезентацијата во наредниот период. Знам малку за националниот тим преку Владо Илиевски, му бев тренер пред дваесетина години, останавме во контакт… ова е десетта различна држава во која работам, знам неколку играчи од актуелната репрезентација, му бев тренер на Војдан Стојановски во Украина…. отворен сум за соработка. Тука сум, среќен сум, знам дека нема да биде лесно, ова ќе биде долг процес. Не поставуваме лимити, нашата цел е да го достигнеме максимумот со играчите што ги имаме. Кое е нивото, се уште е рано да се каже, има време, но она што им го кажав и на играчите – треба да се натпреварувате сами со себе, да бидете подобри на секој тренинг, на секој натпревар, тоа е мојот менталитет. Да не гледаме далеку во иднината, да се фокусираме на сегашноста“, истакна Берокал.

Се вчитува...