Новиот македонски прволигаш, екипата на Беса продолжува со максималните засилувања за својата дебитантска сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Благодарение на сопственикот на клубот, Егзон Таири односно семејството Таири, кое изминативе години силно вложува во македонскиот фудбал, Беса со сериозни амбиции го очекува својот настап во елитата. Нови засилувања на клубот се младиот македонски фудбалер Бесмир Даци како и Аргентинецот Нахуел Франко, кои денеска официјално беа промовирани од спонзорите на клубот.
19-годишниот Даци фудбалски потекнува од велешки Борец, настапуваше досега во својата кариера и за ФК Скопје а изминатава сезона беше дел од косовскиот суперлигаш Дукаѓини, од каде сега потпишува за Беса.
Нов фудбалер на Беса е и 22-годишниот Аргентинец Нахуел Франко кој минатава сезона настапуваше за АП Брера. Франко е дефанзивен фудбалер кој претходно во кариерата играл и за аргентинските Розарио Централ и Бока јунидос.
Беса денеска, за време на подготовките во Банско, одигра и пријателски натпревар со косовскиот суперлигаш Сухарека, ремизирајќи 1-1. Стрелец на голот за Беса беше Арменд Алими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА