Беса, сепак, ќе игра во Втората лига следната сезона

Беса од Добридол ќе продолжи да настапува во Втората македонска фудбалска лига, и покрај соопштението од страна на актуелните спонзори на клубот дека се повлекуваат од инвестиција во првиот тим и нивно насочување единствено кон младинската академија на клубот.

Беса го загуби баражот за опстанок во Првата лига од Башкими, по што следеше соопштение дека следната сезона нема да игра и во Втората лига. Но, според последните информации, клубот, со поддршка на локалната заедница, ќе остане во второлигашката конкуренција.

„Беса, 99%, ќе игра во Втората лига следната сезона. Спонзорот се повлекува, но локалната самоуправа и жителите на Добридол ќе бидат нашата поддршка за настап во второлигашката конкуренција“ – истакна портпаролот на клубот, Шабан Синани.

И претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ информираше дека досега во федерација нема официјален допис од Беса за повлекување од настапот во Втората лига следната сезона.

„Беса е клуб кој максимално коректно ја мина сезоната во Првата лига, прифаќајќи ги сите случувања на теренот и спортскиот пораз во баражот за опстанок. Голема почит за Беса, клуб кој, иако доаѓа од помало место, покажа големина. Дури и кога губат, покажаа достоинство и спортски дух, што е за поздрав. За разлика од некои други тимови кои покажуваат величина, а се далеку од тоа. Но, интерните случувања во тимот, секако се одлука само на раководните лица на клубот. Јас може да кажам само дека ние како федерација не сме добиле никаков допис со информација дека клубот се повлекува од настап и во Втората лига. А, ние како федерација секако не се водиме согласно соопштенија во јавност“ – истакнува Омерагиќ.

Се вчитува...