Македонската репрезентација ќе добие сериозно засилување за квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024 следната година со враќањето во националниот дрес на фудбалерот од средниот ред на шведскиот вицешампион Ѓургарден, Бесард Шабовиќ.
24-годишниот Шабовиќ, кој е роден во Скопје, е поранешен младински репрезентативец на Македонија од времето кога токму актуелниот селектор Благоја Милевски ги предводеше надежите. Шабовиќ беше на неколку собири на младата селекција на Македонија, но потоа се одлучи да го прифати повикот да игра за младата репрезентација на Шведска, чие државјанство исто така поседува.
Сепак, не доби шанса за настап во А-репрезентацијата на Шведска, па сега е отворена можноста да биде дел од најдобрата селекција на Македонија. Како што дознава ЕКИПА, Шабовиќ истакнал желба за настап во македонскиот дрес во иднина, па стартувани се и првични разговори со Фудбалската федерација на Македонија околу разгледување на можноста за негово активирање во македонската селекција од март следната година. Последниот збор, секако, околу неговиот настап ќе го има самиот Шабовиќ.
Шабовиќ фудбалски потекнува од школата на Ѓургарден, но досега во кариерата има настапи и за Мјалби во шведскиот шампионат. Настапуваше и за турскиот Кајсериспор како и за Химки во Русија, но во август оваа година повторно се врати во Ѓургарден каде изминатава есен одигра одлична полусезона за Ѓургарден во шведскиот шампионат, освојувајќи ја вицешампионската титула зад Хакен, но и во УЕФА Конференциската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА