Беше европски првак со Вардар, денеска потпиша за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер успешно финализираше уште еден трансфер, доведувајќи го во Битола алжирскиот голман Калифа Гедбан. Станува збор за чувар на мрежата кој е добро познат во македонската спортска јавност бидејќи беше дел од генерацијата на Вардар што стигна до втората европска круна во ЛШ, по што си замина од таборот на „црвено-црните“.

Гедбан е висок 200 сантиметри, а тежок 110 килограми и веќе пет сезони е дел од европскиот ракомет. Две сезони мина во Вардар 1961 и стана шампион на Европа. По добрите настапи во Македонија се пресели во култниот шпански клуб Адемар Леон, а неговите добри настапи му донесоа трансфер во Динамо Букурешт. Во последните две сезони со успех го носеше дресот на романскиот гигант, од каде доаѓа во таборот на Еурофарм Пелистер.

Со доаѓањето на Алжирецот дополнително ќе се засили конкуренцијата за голманската позиција, каде тренерот Јовиќ веќе ги има на располагање Урбан Лесјак и Марко Кизиќ.

„Калифа Гедбан деновиве доаѓа во Македонија и веднаш ќе му се приклучи на екипата на подготовките во Маврово. Неговото официјално претставување е предвидено на почетокот од месец август. Алжирскиот голман е шесто засилување на Еурофарм Пелистер оваа сезона по Цехте, Борзаш, Нилсен, Петровиќ и Ѓорговски“, објави актуелниот шампион на Македонија.

Се вчитува...