Премиерната година на Андреј Јакимовски во НЦАА слободно може да се оцени како успешна, иако беше и исклучително турбулентна за лигата поради пандемијата која ја донесе корона вирусот.
„Дебитантот ги воодушеви навивачите на Кугарс, им приреди големи возбудувања, а неговата колеџ-кариера е се уште на почетокот. Откако постигна шест поени на првите три настапи, тогаш вистински почна неговата кариера во НЦАА. На следните осум натпревари просечно постигнуваше по десет поени со шут од 40% за тројка, во тој период стигна и до личниот рекорд од 19 поени, на мечот против Стенфорд“ – се вели во воведот од текстот на универзитетскиот портал dailyevergreen.com за македонскиот кошаркар.
Андреј сеуште не ја почувствувал возбудата која ја носи присуството на навивачи на трибините. Но имаше можност да види и да почувствува како изгледа американската кошарка.
„Овде сите играчи се одлично физички подготвени и брзи, во Европа кошарката е повеќе тимски спорт. Пред натпреварите повеќе се грижев за мојата ментална подготовка, отколку за останатото. Овде, во Пулман, ја чувствувам енергијата кај љубителите на кошарката. Често, по натпреварите, кога се движам по улиците, ме среќаваат луѓе и викаат ‘Напред Кугс’. Тоа е прекрасно. Мислам дека донесов вистинска одлука со тоа што ја прифатив понудата од ВСУ. Пресреќен сум што избрав да дојдам тука и да играм за тренерот Смит“ – открива Јакимовски.
Покажа многу од својот репертоар, а најважно е тоа што најдоброто од него допрва претстои. Оваа сезона им беше последна на колеџ на неколкумина од носителите на игра на ВСУ Кугарс, па догодина Јакимовски ќе има уште поголема слобода во играта.
Соиграчите и тренерите го опишуваат Македонецот како извонреден работник кој никогаш не прифаќа пораз и секогаш се труди да биде подобар. Многу често, по натпреварите, тој се враќал во салата на шутерски и тренинзи за подобрување на својата техника.
На 25 натпревари во својата дебитантска сезона, од кои 19 како стартер, Јакимовски просечно постигнуваше по 5,5 поени. Тренерот Кајл Смит за него вели дека само небото е граница и од него за оваа натпреварувачка кампања има оценка „5“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА