Бетис се откажа од Барди – ќе купува „ѕвезда“ на Реал наместо македонскиот репрезентативец

Бетис се откажа од трката по Енис Барди, откако прволигашот од Севилја во текот на јануарскиот преоден рок не успеа да го осигура потписот на македонскиот плејмејкер, а во меѓувреме ги промени плановите за летниот трансфер – период. Тренерот Пелегрини инсистира на освежување на средниот ред со инвентивен играч за врска, но трофејниот стручњак веќе не го „мерка“ Барди, туку вниманието целосно го насочи кон Иско.

Поранешниот шпански репрезентативец е бледа сенка од своите најдобри игри во дресот на Реал Мадрид, што придонесе да дојде и до огромно намалување на неговата минутажа во дресот на „кралевите“. Шпанскиот гигант до неодамна бараше и над 50 милиони евра за Иско, но овојпат ситуацијата е поинаква, плејмејкерот на крајот од сезонава ќе стане слободен играч и во Бетис се убедени дека ќе успеат да го убедат да му се приклучи на проектот на Пелегрини.

Бетис игра одлично и е на добар пат да обезбеди влез во Лигата на Шампионите, со што овој клуб би си ги зголемил шансите за потпис на Иско како главно засилување за наредната сезона.

Што се однесува до Барди, македонскиот репрезентативец исто како и Иско ќе стане слободен во текот на летото и ќе може да ја избере следната дестинација во кариерата. Селта е најзагреана за Барди од шпанските клубови, во Италија понуди подготвуваат Торино, Лацио и Милан, а во трката од пред два месеци се вклучи и англискиот премиерлигаш Лидс Јунајтед.

Се вчитува...