Енис Барди по се изгледа ќе мора да ги пропушти претстојните квалификациски натпревари на македонската репрезентација против селекциите на Израел и на Албанија, по повредата заработена на последниот контролен натпревар меѓу Леванте и Елче. Македонскиот ас постигна еврогол, но потоа мораше да биде заменет жалејќи се на болки во мускулот. Деталните лекарски прегледи покажаа дека повредата не е нималку наивна, па веќе е сигурно дека Барди нема да биде „фит“ за стартот на новата сезона од Примера и премиерниот дуел на домашен терен со Вилјареал закажан за в недела.
Според информациите од таборот на Леванте, станува збор за „проблем од прв степен“ со мускулот на десната нога. Шпанскиот клуб објави дека во следните седум дена ќе биде следена состојбата на македонскиот играч за врска, по што ќе биде појасно колку ќе трае рехабилитацискиот период.
Неофицијалните информации велат дека Барди ќе биде надвор од терените околу еден месец, што е лоша вест и за нашиот национален тим со оглед на двете квалификациски средби закажани за почетокот од следниот месец (во Израел на 2 септември и во Струмица против Албанија на 5 септември). Членот на Леванте беше дел од плановите на селекторот Ангеловски за првотимец во сениорскиот тим по одличните настапи за младинската репрезентација, но како што стојат работите во моментов, Барди сепак ќе почека за повторно да го облече дресот на А селекцијата на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА