Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе биде ослабена во претстојните претквалификации за СП 2019 откако Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски поради повреди отпаднаа од комбинација за настап на дуелите со Косово и со Естонија. Стојановски заработи тешка повреда на коленото при настап во квалификациите за Евробаскет 2017, па иако во изминатите месеци почна да тренира, сепак терминот во август кога се играат претквалификациите доаѓа прерано за Дамјан да може да му помогне на националниот тим. Во „аут“ ќе биде и плејмејкерот Магдевски, кој заработи незгодна повреда и ќе мора да паузира во текот на летото.
„На списокот ги ставив оние играчи кои се здрави и кои би можеле да ни помогнат. За жал, тоа не е случај со Дамјан Стојановски и со Магдевски, кои се повредени и поради тоа нема да бидат во комбинација за овие претквалификации“ – изјави Јорданчо Давитков.
Македонија првиот натпревар во овие претквалификации го игра на Државниот празник Илинден на 2 август, на гостински терен против Косово. На 5 август „црвено-жолтите“ ќе ја пречекаат Естонија, на 12 август ќе бидат домаќини на Косово, а овој квалификациски циклус го затвораат со гостување во Естонија на 16 август. Како што одлучи МКФ, двете домашни средби македонската репрезентација ќе ги игра во ВИП арена во Скопје, а пласман во следната квалификациска рунда ќе обезбедат двете најдобри селекции од групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА