Македонските одбојкари се без право на грешка на вечерашниот трет натпревар против Швајцарија од квалификациите за ЕП 2019 кој се игра од 20:30 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје.
По поразот (2-3) од Украина на домашен терен, едноставно избраниците на Никола Матијашевиќ не смеат да дозволат кикс против најслабата селекција во нашата квалификациска група. Јасно е дека се посакува триумф со кој активно ќе се продолжи во желбата за пласман на Европското првенство следната година.
„Против Швајцарија ќе видиме колку сме вистински подготвени за една доминантна игра. Јасно е дека атакуваме на победа, неопходен ни е триумф од 3-0 или 3-1. Факт е дека не можеме да промениме многу во нашата игра, затоа што едноставно располагаме со тие одбојкари. Но, затоа со силен пристап, цврст карактер и желба секако можеме до триумф“ – вели селекторот Никола Матијашевиќ.
По двата претходни натпревари, против Унгарија и Украина, Македонија има три бода. Фаворитската улога сега мора да се потврди против Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА