ЕКИПА во Сарагоса,
Стеван Цаневски
Македонските кошаркари денеска со почеток во 19.30 часот ќе го одиграат петтиот меч од квалификациите за СП 2023, на гостински терен во Сарагоса против селекцијата на Шпанија. Јасно е дека „црвената фурија“ е огромен фаворит на овој натпревар, но пресметката со една од најсилните европски селекции ќе биде добра можност за подмладената Македонија без преголем резултатски притисок да одигра добар меч и толку колку што ќе може да им парира на Шпанците.
Националниот тим одамна не изгледал толку младо, покрај капитенот Стојановски од поискусните тука е само уште Крстевски, а одговорност во нападот сигурно ќе преземат и Ѓуроски, Мекиќ, Николов и Робев. Тео Симиќ најдобриот меч за репрезентацијата го одигра токму против Шпанија, при поразот од 65-94 на кој младиот центар на Барселона постигна 18 поени, па слично издание ќе се очекува и денеска. Андреј Јакимовски повторно ќе биде дел од репрезентацијата, а своето деби ќе го очекуваат младите Стефанов и Ташовски.
„Очекувањата ни се да го дадеме својот максимум и да се ‘запознаеме’ што е можно подобро во овој дуел. Реално кажано, шансата за победа ќе ја бараме против Украина на домашен терен, пред нашата публика, која се надевам дека ќе биде во голем број“, изјави Стојан Ѓуроски.
Македонските кошаркари утре се враќаат назад во Скопје, каде на 4 јули ќе ја пречекаат Украина во последното коло од овие квалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА