На Филип Кузмановски не му требаше многу време за да ги покаже своите квалитети во дресот на Магдебург. Македонскиот бек е еден од најмотивираните во германскиот клуб на стартот од подготовките, а првите комплименти на негова адреса стигнаа од словенечкиот репрезентативец Марко Безјак. Тој е особено импресиониран од искуството на 23-годишниот Македонец, што за нас не е големо изненадување ако се знае дека Кузмановски со години наназад настапуваше во европските купови, но и на светските и европските шампионати во дресот на националниот тим.
„Се работи напорно и јасно е дека на новите ракометари ќе им треба време за да се адаптираат целосно на нашиот стил на игра. Сепак, импресиониран сум од Кузмановски. Тој доаѓа од друга земја, но не гледам преголема разлика во однос на сите ракометари кои имаат искуство од Бундес-лигата. Тој е далеку пред играчите на негова возраст, но сега ќе треба да покаже дека може да му биде од помош на нашиот тим“ – истакна Безјак.
Кузмановски уште како член на Металург го имаше договорено трансферот во Магдебург. Сепак, на стартот од ланската сезона тој го напушти клубот од Автокоманда и се пресели во редовите на Работник, помагајќи му на тимот во настапите во групната фаза во Купот на ЕХФ, но и во битката за второто место на табелата со кое битолчани обезбедија учество во СЕХА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА