Серијата на четири победи во низа на ТФТ прекинува во Црна Гора каде македонскиот состав гостуваше против Ибар во осмото коло од БИБЛ лигата. Кобен за составот од Тафталиџе беше падот во играта во втората четвртина во кој домаќините постигнаа 37 поени, наспроти 15 на гостите од Скопје. ТФТ успеа да се врати на едноцифрена негатива, но немаше сили за голем пресврт па на крајот двата бода заминаа во рацете на тимот од Рожаје (96-79).
Првата четвртина ја отслика изедначената игра во која двата тима се мачеа со шутот од далечина. Голем број на поени доаѓаа од играта во рекетот, а моментумот домаќините го превземаа во 14. минута од мечот кога по неспортската грешка на Хортон, при водство од 27-25 претстоеше серија од 8-0 со што за прв пат еден тим имаше двоцифрена предност (35-25). Составот на Ибар продолжи со добрата игра пред се во одбраната преку која ги приморуваа играчите на ТФТ да се обидуваат да постигнат поени од неизградени ситуации, а преку играта во транзиција и под обрачот дополнително го зголемија водството. На полувремето на семафорот стоеше предност од +20 (54-34) за Црногорците.
Избраниците на Боро Смилковски заиграа далеку подобро во второто полувреме. Добриот проток на топката во нападот донесе поени од отворени шута, ТФТ ја зацврсти и одбраната, во право време пропработе и арсеналот зад линијта 6,75 па со серија на три поени македонскиот состав намали на негатива од девет поени (72-63). Сепак во последната четвртина Ибар ја засили одбраната над клучните играчи во македонскиот тим, одигра и подобро под обрачот, ги искористи грешките на кошаркарите на ТФТ и заслужно стигна до победа.
Тај Харис беше прво име во составот од Тафталиџе со 30 поени и 4 асистенции. Него го следеа Чејс Шелман со 14 поени и 4 скока, и Ландриус Хортон со 12 поени и 5 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА