Пеколниот ритам за Куманово продолжи денеска во „Перо Наков“ каде „сино-белите“ во петото коло од БИБЛ лигата успеаа да слават со 86-71 и да му го нанесат првиот пораз на Академик Пловдив во регионалното првенство.
Во ритамот на Горјан Марковски кој постигна речиси половина од поените на својот тим, Куманово одлично го започна натпреварот. Избраниците на Мирковски ја контролираа скок играта во првите десет минути, а добриот напаѓачки ритам донесе отворени обиди кон противничкиот кош, па „сино-белите“ поведоа со 27-20 по 10 минути игра. Високиот ритам на кумановци продолжи и до полувремето, агресивната одбрана правеше проблеми за гостинскиот состав, а продолжи и „сигурната“ реализација за два поени (77%), со што Куманово на полувремето замина со предност од 53-31.
Напаѓачкото темпо на Куманово опадна во третата четвртина, меѓутоа со добрата одбрана „сино-белите“ ја одржуваа високата предност. Во полза на бугарскиот состав не беа ни големиот број на изгубени топки па по 30 минути игра на семафорот стоеше 68-50. Куманово се мачеше да го најде ритамот и во последната четвртина, а тоа го искористи гостинот кој со своето најдобро оружје, шутот за три поени полека ја топеше предноста на македонскиот тим и стигна на негатива од само -12 (79-67) во 37. минута од натпреварот. Сепак преку Марковски и Црниќ, кумановци постигнаа две тројки и ги решија сите дилеми за победник на денешниот натпревар.
Најрасположен во таборот на Куманово со 27 поени и 8 скока беше Горјан Марковски, додека Кори Рејли-Рос додаде 19 поени и 8 асистенции. Како двоцифрен со 15 поени и 5 скока натпреварот го заврши Александар Андрејевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА