БИБЛ: Куманово со перфектен учинок се враќа од црногорската турнеја

Куманово успешно ја помина турнејата во Црна Гора, откако по победата над Тиват во вчерашниот дуел, „сино-белите“ славеа и на средбата против Ибар со 66-82. Избраниците на Ѓорѓиевски беа блиску до двоцифрена предност веќе на полувремето, а со добрата игра на двата дела од теренот во вториот дел од натпреварот не дозволија домаќините да се надеваат на враќање во средбата, па го осигураа своето место во следната фаза од натпреварувањето.

По изедначената игра во првата четвртина (17-19), Куманово ја превзема иницијативата во вториот дел од првото полувреме во кое проработе и шутот зад линијата 6,75, а добро под обрачот одигра и Андрејевиќ па „сино-белите“ на полувремето имаа предност од +9 (35-44). Добрата игра на кумановци на двата дела од теренот продолжи и во третата четвртина, па избраниците на Ѓорѓиевски дополнително ја зголемија предноста (48-60). Македонскиот претставник продолжи да ја контролира играта до крајот на средбата, не дозволи враќање на домаќините и сосема заслужено стигна до победа.

Предводник на Куманово со 24 поени и 7 асистенции беше Отис Ливингстон, додека дабл-дабл учинок од 18 поени и 10 скока забележа Александар Андрејевиќ. Како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши и Дамјан Робев.

 

Се вчитува...