БИБЛ: Куманово со убедлив пораз од Берое се враќа од бугарската турнеја

Куманово со половичен учинок се враќа од турнејата во Бугарија откако по вчерашната победа над Академик, „сино-белите“ не успеаја да слават и на денешниот дуел против Берое. Домашниот состав беше подобар противник од почетокот до крајот на дуелот па на крајот славеше со 105-76. Шутот не ги служеше кумановци на денешниот натпревар, избраниците на Мирковски реализираа со 38% успешност, притоа домашниот состав го затвори и рекетот, го неутрализираше Андрејевиќ, и не му дозволи на македонскиот претставник да се надева на позитивен резултат.

Агресивната одбрана на бугарскиот состав создаде проблеми во организација на играта кај кумановци. „Сино-белите“ беа приморени да поентираат на индивидуални квалитети, а сето тоа го искористија домаќините кои натпреварот го започнаа со висока реализација. Одбраната на Куманово дозволи отворени шута кон својот кош, не го заштитија рекетот па по десет минути игра имаа негатива од 33-20. Шутот не ги служеше избраниците на Мирковски на денешниот натпревар, Куманово не успеа да ја наметне својата игра, Андрејевиќ беше затворен во рекетот, а домаќините продолжија со добрата игра и во нападот. На Стојанов му се приклучија и Маринов и Роуз па веќе до полувремето предноста на Берое се зголеми на 56-34.

Добрата игра на домашниот состав продолжи и во второто полувреме, во кое Куманово повторно не успеа да се наметне. Избраниците на Мирковски шутираа очајнички на денешниот дуел, па предноста на Берое од минута во минута се зголемуваше. На крајот на 30. минута истата изнесуваше +28 (88-60), со што последната четвртина беше само формалност во која шанса добија сите играчи на Куманово, меѓу кои беше и Лука Димитриевски, играчот роден 2004 година.

Три играчи во составот на Куманово постигнаа по 13 поени, на кои Стеван Глигоријевиќ додаде и девет скока, Андреј Цветковски дополни три скока и три асистенции, додека Кори Рејли-Рос забележа и два скока. Како двоцифрен со 10 поени и три скока натпреварот го заврши и Отис Ливингстон.

Се вчитува...