БИБЛ: „Оne man show“ на Кусовац за петти пораз на ТФТ во низа

Македонскиот претставник во БИБЛ лигата, ТФТ го забележа и петтиот пораз во низа во регионалното натпреварување откако беше поразен со 98-83 на гостински терен против Теодо во заостанатиот натпревар од 5. коло. Избраниците на Смилковски немаа одговор за расположениот Петар Кусовац кој натпреварот го заврши со неверојатни 46 поени.

На отварањето на натпреварот двата тима се мачеа да го најдат својот ритам. Изедначеноста беше речиси во секој сегмент од играта, а благодарение на подобриот шут зад линијата 6,75, ТФТ забележа минимална предност од 21-22 по десет минути игра. Во продолжетокот од првото полувреме, домашниот состав прв го превзема моментумот преку Кусовац кој со 16 поени беше првиот име во својот состав. На полза на тимот од Тафталиџе не му беа ни големиот број на изгубени топки во првиот дел од натпреварот, дури 11, па Теодо на полувремето замина со предност од 47-36.

Избраниците на Смилковски заиграа далеку подобро на почетокот на вторто полувреме, преку добриот проток на топката и играта во транзиција стигнаа до негатива од 57-51 во третата четвртина, а оваа разлика дополнително ќе беше намалена доколку играчите во „црно-бело“ не промашија неколку зицер позиции. Проблем за ТФТ беа и преголемиот број изгубени топки, кои домаќинот знаеше да ги казни на спортивната страна, па по 30 минути игра Теодо повторно имаше двоцифрена предност (67-57). Македонскиот состав повторно запрети во последната четвртина во која во неколку наврати дојде до едноцифрена негатива, но преку неуморниот Кусовац, тимот од Тиват ја стабилизираше играта и приреди „сигурен“ крај на натпреварот.

Амир Смит со дабл-дабл од 24 поени и 14 скока беше првото име кај ТФТ, а него го следеа Лахланд Андерсон со 18 поени, Ли Шелман со 14 поени и 5 скока, како и Тај Харис кој натпреварот го заврши со 12 поени и 9 асистенции.

Се вчитува...