Македонскиот претставник во БИБЛ лигата, ТФТ загуби на домашен терен од Академик Пловдив со 102-104 во натпревар во кој избраниците на Смилковски одиграа перфектно прво полувреме, лошо второ, а загубија во неизвесна завршница за која беа потребни дополнителни пет минути.
ТФТ фантастично го отвори натпреварот. Добриот проток на топката носеше отворени шута кон противничкиот кош, а во право време блеснаа Харис и Андерсон кои комбинираа 28 поени во првата четвртина. ТФТ одигра агресивно во одбраната, ги искористи и грешките на бугарскиот состав па по десет минути игра скопскиот тим имаше предност од 35-21. Гостинскиот состав успеа да се одбрани од Харис во втората четвртина, меѓутоа тоа не ја забави играта на „црно-белите“. Андерсон продолжи да „стрела“ во добар ритам па и покрај големиот број на изгубени топки, ТФТ до полувремето ја дополни предноста на +20 (60-40).
Одличната шутерска вечер на тимот од Тафталице запре во второто полувреме, а се активираше и гостинскиот состав кој преку шутот од далечина успеа да ја намали негативата на 77-67 по 30 минути игра. Добриот моментум на Академик продолжи и во последната четвртина, а ТФТ имаше проблеми да ги консолидира своите редови. Офанзивниот скок на играчите на гостите донесе поени од втора шанса, а продолжи и добриот ритам во шутот од далечина па бугарскиот состав го превзема водството и на десет секунди пред крајот на натпреварот (90-93). Последниот напад му припадна на ТФТ во кој Харис со звукот на сирената донесе изедначување вредно дополнителни пет минути, во кое акцентот беше ставен на одбраната. Во „пенал“ завршницата мирната рака на Сотиров го донесе конечниот резултат.
Лахланд Андерсон беше прв стрелец на ТФТ со 37 поени и 6 скока, додека Тај Харис дополни 29 поени и 9 асистенции. Како двоцифрен натпреварот го заврши и Ландриус Хортон кој додаде 11 поени и 4 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА