Македонија би можела да има два учесници во БИБЛ-лигата во наредната сезона откако раководството на регионалното натпреварување стапило во контакт со управата на Гостивар нудејќи овој клуб да биде дел од БИБЛ почнувајќи од наредниот месец.
Гостиварци минатата сезона по подолга пауза се вратија во елитното македонско друштво, остварија добар резултат со пласманот во Супер-лигата, играјќи голем дел од домашните натпревари пред полни трибини. За сезонава тимот на Марјан Србиновски дополнително се засили со репрезентативниот плејмејкер Александар Костоски, но раководството на клубот се уште нема донесено конечна одлука околу евентуалниот настап во БИБЛ.
„Точно е дека имаме понуда да бидеме дел од БИБЛ-лигата, чии челници го препознаваат нашиот раст како клуб. Се уште сме во дилема, во моментов шансите да прифатиме не се преголеми, но не ја отфрламе целосно можноста да станеме дел од ова регионално натпреварување. Конечната одлука ќе биде донесена во блиска иднина“ – порачуваат од раководството на Гостивар.
БИБЛ веќе објави дека Кожув и Шкупи ќе бидат дел од ова натпреварување наредната сезона, но скопскиот клуб нема да биде дел од Првата македонска лига, со што паднаа во вода и надежите на меѓународно деби на Шкупи во претстојната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА