Атлетик Билбао вчера славеше над Елче со 1-0, по што управата на клубот од Баскија изненадувачки донесе одлука да му врачи отказ на тренерот Гаритано. Критиките кон Гаритано траеја подолго време, пред се поради премногу дефанзивната игра на Атлетик, но се очекуваше тој да добие шанса да продолжи на клупата во Билбао и на почетокот од 2021 година, наместо да добие отказ по забележан триумф.
Веднаш потоа беше именуван и новиот стратег на Атлетик, Марселињо Гарсија Торал. Станува збор за стручњак кој секогаш практикувал офанзивен фудбал, што му беше и главна препорака кај челниците на баскијскиот клуб. Тој го внесе тимот на Рекреативо Хуелва во елитното друштво, со Валенсија го освои Купот на Шпанија, додека со Вилјареал дотурка до полуфиналето во Лигата на Европа, каде беше елиминиран од Ливерпул.
Почетокот на новата авантура нема да биде нималку лесен за Марселињо, кој ќе дебитира на „Сан Мамеш“ против Барселона, веднаш потоа ќе следи гостување на лидерот Атлетико Мадрид, па потоа и дуел со Реал Мадрид во рамките од Супер-купот на Шпанија.
Атлетик Билбао моментно се наоѓа на деветтото место на табелата со 21 освоен бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

