Билд: Елмас сака назад во Италија, Лајпциг би го пуштил…

Елиф Елмас ги минува последните денови како фудбалер на Лајпциг откако стана јасно дека за македонскиот репрезентативец веќе нема место во редовите на овој германски прволигаш. Последна шанса за останување беше евентуалната смена на тренерот Марко Росе со кого Елмас не е во најдобри односи, но откако стана јасно дека стратегот ќе остане и за почетокот од 2025 година, тоа е јасен знак дека Елиф може да почне да си ги пакува куферите.

Елмас минатиот јануари дојде од Наполи во Лајпциг за сума од 24 милиони евра, беше најавуван како големо засилување, но не доби шанса каква што заслужува од тренерот Росе. Минутажата уште повеќе му беше намалена од стартот на сезонава, па македонскиот „дијамант“ веќе стана свесен дека за него нема иднина во овој клуб и побара зелено светло да ги смени клупските бои.

За неговите услуги има интерес од Фенербахче и од Галатасарај, но влијателниот германски весник „Билд“ тврди дека желба на Елиф е да се врати назад во Италија, каде пред две години беше шампион со тимот на Наполи. Името на клубот засега се држи во тајност, но од раководството на Лајпциг искажале подготвеност да дадат зелено светло за ваков трансфер, доколку добијат интересна понуда. Неофицијално, се преговара за позајмица на шест или осумнасет месеци, а повеќе детали се очекуваат на самиот почеток од јануарскиот преоден рок.

Се вчитува...