Реал Мадрид се подготвува не само за наредната, туку и за сезоната по неа, по последните информации кои велат дека Флорентино Перез долгорочно го решил тренерското прашање во „кралскиот клуб“. Како што е познато, Карло Анчелоти ќе ја одработи и последната година од договорот со Реал, по што ќе замине да биде селектор на Бразил, а германскиот весник „Билд“ тврди дека веќе е избран и наследникот на италијанскиот стратег на „Сантијаго Бернабеу“.
Тоа ќе биде Шпанецот Чаби Алонсо, кој моментно е тренер на Баер Леверкузен, успевајќи за само неколку месеци да го воскресне тимот и да го одведе до полуфиналето од Лигата на Европа. Алонсо во текот на сезонава имаше неколку интересни понуди од Премиер-лигата, но ги одби сите. Според „Билд“, причината е преговорите што Шпанецот ги водел со Флорентино Перез, при што начелно бил постигнат договор Алонсо од летото 2024 година да стане шеф на стручнот штаб на Реал.
Чаби Алонсо како играч настапуваше за Реал Мадрид од 2009 до 2014 година. Тој тренерската кариера ја почна во 2019 во вториот тим на Реал Сосиедад, по што се пресели во Баер Леверкузен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

