Трибините на СЦ „Борис Трајковски“ ќе бидат исполнети до последно место за неделниот натпревар против Чешка (20.45 часот) откако Ракометната Федерација на Македонија информираше дека сите влезници за овој значаен дуел на нашиот национален тим се рапродадени на два дена пред почетокот на натпреварот.
На избраниците на Раул Гонзалес ќе им биде неопходна поддршка бидејќи со победа обезбедуваат пласман на ЕП 2018, а навивачите сигурно како и многу пати досега ќе бидат на висина на задачата, за на крајот заеднички да се слави новиот настап на Македонија на големите ракометни натпреварувања.
„Заклучно со денешниот ден, билетите за натпреварот помеѓу националните селекции на Македонија и Чешка, кој ќе се одржи на 18.06.2017 (недела), се целосно распродадени. Би сакале да ги известиме сите фанови кои ќе ја бодрат македонската репрезентација од трибините, во ВИП арената „Борис Трајковски“, да дојдат минимум половина час пред почетокот на натпреварот“ – се вели во соопштението на Ракометната Федерација на Македонија.
Воедно, РФМ ги поканува ракометните фанови на дружење со машката сениорска ракометна репрезентација, во екот на клучната фаза од квалификацискиот круг за пласман на ЕП Хрватска 2018. Настанот во чии рамки селекторот Раул Гонзалес, капитенот Кире Лазаров и уште неколку репрезентативци ќе ви бидат на располагање за потпишување дресови, ќе се одржи утре (сабота) со почеток во 12 часот во фан-шопот на РФМ што се наоѓа во спортскиот салон Д Спорт, во рамките на „Телеком Арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА