Синиша Михајловиќ почина денеска на 53-годишна возраст, губејќи ја борбата со леукемијата што траеше неколку години.
Михајловиќ е роден на 20 февруари 1969 година во Вуковар, неговиот татко бил возач на камиони, а мајката работела во фабрика за гуми и облека.
„Мојот татко е роден во селото Кукујама во близина на Лакташи, а мајка ми од Хрватска ја запознал во Вуковар додека бил на работа. До воната 1991 година,сите во нашата куќа гордо се изјаснуваа како Југословени“, изјави пред многу години Михајловиќ, потсетувајќи се на детството.
Професионалната фудбалска кариера ја почна во 1988 година во Војводина, а во декември 1990 година се сели во Црвена Звезда за еден милион марки, трансфер што е апсолутен рекорд во југословенскиот фудбал.
Во дресот на „црвено-белите“ одигра 17 натпревари, постигнувајќи пет гола и две асистенции. Потоа се сели во Италија, најпрвин го облекува дресот на Рома, по што следат трансфери во Сампдорија, Лацио и на крајот во Интер, каде ја завршува својата играчка кариера. Во неговата колекција на трофеи има 16 пехари, пет првенствени титули, еден пехар од Купот на Европските Шампиони, еден од Купот на Победниците на Куповите, четири од Купот на Италија, еден од Интерконтиненталниот куп, еден Супер-куп на Европа и три Супер-купови на Италија.
Тој се уште е сопственик на рекордот во Серија А со 28 постигнати голови од слободен удар, по што го доби и прекарот „Кралот на слободните удари“.
За репрезентацијата на Југославија дебитираше во 1991 година на мечот со Фарските Острови.
Речиси целата тренерска кариера ја мина во Италија, каде ги водеше екипите на Интер, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан, Торино и Болоња, од каде доби отказ пред само неколку месеци. Во периодот од 2012 до 2012 година беше и селектор на репрезентацијата на Србија, а во 2018 година имаше и кратка авантура на клупата на Спортинг Лисабон.
Толку многу успеси и остварувања во овие 53 години… Затоа Синиша Михајловиќ ќе биде запаметен како еден и единствен…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

