Заминува од Баерн, го бара половина Премиер-лига

Матис Тел поднел барање за трансфер во раководството на Баерн Минхен, откако младиот француски офанзивец не добиваше доволно минутажа од тренерот Компани во првиот дел од оваа натпреварувачка сезона.

Младиот Французин по синоќешниот меч се збогуваше со фановите на Баерн како јасна најава за трансфер пред крајот на овој преоден рок, иако е неизвесно дали Тел ќе биде продаден од баварскиот гигант или само испратен на позајмица.

„Матис Тел побара да си замине, тоа е вистината. Сака да биде во клуб каде што ќе игра, а ние го почитуваме тоа. Ќе ги разгледаме сите понуди и ќе ја избереме најдобрата опција за сите вклучени страни“, потврдија од раководството на Баерн Минхен.

Следна дестинација на младиот напаѓач речиси сигурно ќе биде Премиер-лига, каде неколку клубови испратија понуди за негов ангажман. Тотенхем сака целосно да го откупи неговиот договор со Баерн, додека Манчестер Јунајтед и Челси испратија понуди за позајмица. Челси важи за аутсајдер во трката ако се знае дека приоритет за Тел ќе биде да замине во клуб каде би имал минутажа, а лондонските „сини“ секако имаат преголема конкуренција за секоја позиција во тимот.

Не се исклучува ниту можноста Арсенал да излезе како победник од оваа трка, „топчиите“ се во потрага по нов голгетер, а откако Астон Вила јасно порача дека Оли Воткинс не е за продажба вниманието беше насочено токму кон 19-годишниот Тел.

Се вчитува...