Младиот фудбалер на Челси, Доминик Соланке, е првото засилување на Ливерпул за следната натпреварувачка сезона. Станува збор за суперталентиран голгетер кој пред две сезони го предводеше младинскиот тим на Челси до титулата во ЛШ, но откако лани не доби шанса во првата екипа тој чекаше истек на договорот за да си замине од „Стемфорд бриџ“.
Јирген Клоп не ја крие желбата да доведува млади и талентирани играчи во Ливерпул, па германскиот стратег успеа да го убеди Соланке својата кариера да ја продолжи токму на „Енфилд“. Ливерпул веќе обелодени дека е постигнат договор за тригодишна соработка со овој фудбалер, а за комплетирање на трансферот потребно е само уште да му се исплати компензација на Челси, која нема да биде повисока од три милиони фунти.
Соланке (19 години) ги мина сите досегашни млади селекции во таборот на Англија. Тој има настапувано и на позајмица во холандскиот тим Витесе, за кој на 25 средби постигна седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА