Битка на титаните и „кошаркарските умови“: Германија или Шпанија во финалето?

Вториот патник во финалето на Евробаскетот 2022 ќе биде познат денеска од 20 часот и 30 минути кога силите ќе си ги одмерат силните репрезетнации на Германија и Шпанија. Истите во досегашниот дел од првенството имаат само еден пораз па се е подготвено за спектакл.

Германците на патот до местото меѓу најдобрите четири тима го најдоа решението за Јанис Адетокумпо, додека Шпанците го сопреа неверојатниот Лаури Марканен. Двете селекции одиграа речиси перфектно во одбраната па покрај битката на паркетот ќе биде интересно да ја проследиме и „битката на умовите“ на Серџио Скариоло и Гордон Херберт.

„Добро ги познавам браќата Хернангомез, Гаруба е во Рокетс. Тие се физички силен тим па мораме да бидеме максимално подготвени. Го немаат Јанис, но имаат „рол“ играчи кои можат да постигнат по 20 поени. Мораме да излеземе на паркетот подготвени за надмудрување како против Грција“, изјави Денис Шредер.

„Да се најдеме меѓу најдобрите четири тима на шампионат како овој на кој големи тимови со поголем талент и искуство се веќе елиминирани е навистина неверојатно. Но, тоа не значи дека не треба да продолжиме понатаму. Борбата е наш знак, наша природна состојба“, изјави селекторот Скариоло.

За пласман во финалето Германија ќе мора да ги лимитира браќата Хернангомез во рекетот. Високите играчи ја предводат „црвената фурија“ со 28.6 поени и 12.4 скока во просек, додека шпанските бекови мора да одговорат на предизвиците наречени Денис Шредер и Фарнц Вагнер кои се водечката сила на домаќинот на шампионатот.

Се вчитува...