Битка за финале на Купот: Реприза од лани, или некоја нова борба за пехарот?

По одигрувањето на двата полуфинални дуели од Купот на Македонија, ќе ги дознаеме финалистите кои ќе се борат за големиот пехар. Струга ТЛ на домашен терен го чека Силекс, додека Шкендија во Тетово го чека тимот на Македонија ЃП.

Дали ќе имаме уште едно финале во кое ќе играат Силекс и Македонија ЃП како што беше тоа случај лани, или во финале ќе видиме некои други тимови? Одговор ќе дадат актерите после мечевите кои стартуваат во 15 часот.

Двата меча ќе бидат интересни. Станува збор за битка за финале, а потоа и битка за пехар, кој може да донесе и излез на меѓународна сцена, особено за Македонија ЃП кој е далеку од позициите на табелата кои носат на меѓународна сцена.

Во Тетово реприза на она спектакуларно финале во 2006 година, кога после две негативи и пресврт, „лавовите“ го освоија пехарот благодарение на двата гола на Филип Ивановски во финишот, кој сега е во улога на асистент на Горан Симов, кој исто така беше дел од тоа финале.

„Нашата цел е да го одбраниме купот, Шкендија е фаворит во овој натпревар, но ние сме освојувачи и ќе одиме во Тетово тоа да го докажаме на терен и да играме пак во финале.“, рече Стефан Лазаревиќ, фудбалерот на Македонија ЃП.

Шкендија со серијата на победи го престигна Шкупи на второто место на табелата, и од тетовскиот табор се надеваат дека серијата ќе продолжи и денеска, и дека ќе ја повторат 2016 и 2018 година кога беа освојувачи на пехарот.

„Покрај првенството, имаме амбиции да го освоиме и Купот на Македонија. Еден натпревар во кој мораме да имаме максимален пристап и да бидеме многу внимателни. Атмосферата е одлична, сите сме подготвени да дадеме се од себе да победиме. Домашниот терен ќе ни биде голем плус. Се надеваме на поддршка од нашата публика и верувам дека ќе ни бидат голема помош на патот кон финалето“, изјави Флорент Рамадани од Шкендија.

Силекс е екипата која ќе се обиде да и направи проблеми на Струга ТЛ во обидот да дојде до двојната круна. Кратовскиот тим ќе се бори за трето финале по ред. Од друга страна од сите овие полуфиналисти, само Струга нема трофеј во Купот. Момците на Шпетим Дуро ќе се обидат да дојдат до своето прво финале, а потоа и до својот прв пехар. Добрата атмосфера ги краси стружани поради фактот што се на чело на табелата и моментално во добра форма.

„Ова е многу важен меч за нас, затао што е полуфинале и победникот оди во финале. Тоа е целта на овој клуб. На вакви натпревари нема фаворити, и двата тима имаат подеднакви шанси за пласман во финале. Во мојата кариера сум бил дел од многу важни натпревари, пред 20.000 публика. Се подготвуваме нормално за овој меч и се надевам дека ќе го добиеме“, изјави Шпетим Дуро, предводникот на Струга ТЛ.

КУП НА МАКЕДОНИЈА, 1/2 ФИНАЛЕ (15 ЧАСОТ)

Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Струга: СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС

Се вчитува...