Данска и Шпанија ќе ги одмерат силите во денешното прво полуфинале од СП 2023 во „ЕРГО Арена“ во Гдањск, во нова пресметка меѓу ракометните велесили. Данците ќе ја имаат улогата на фаворити, поради одличната форма во која се наоѓа оваа селекција, која забележа седум победи и едно реми на овој мундијал, но и има неверојатна серија од 24 победи и две реми на последните 26 одиграни средби на светските шампионати.
Данска брка неверојатно достигнување, па ако успее да триумфира на СП 2023 ќе стане првата селекција со три мундијалски злата во низа.
„Едвај чекаме да почне натпреварот, максимално сме мотивирани. Јасно е, наша желба е да стигнеме до златото. Ќе имаме добри шанси за победа ако одбраната ни е на ниво и во нападот создадеме добри ситуации за гол. Јасно е дека нивнито голман Варгас ќе има многу одбрани, но ние и покрај тоа мораме да постигнеме голем број на погодоци“, изјави Емил Јакобсен.
Данска славеше на полуфиналните пресметки со Шпанија на ОИ во Токио (27-23) и на СП 2021 (35-33), додека Шпанија се одмазди со победа во полуфиналето од ЕП 2022 во Будимпешта од 25-29.
Шпанците во драматична завршница го добија трилерот со Норвешка во четвртфиналето, но за избраниците на Ривера нема дилема – ќе соберат сили за максимално да му се спротивстават на актуелниот светски првак во Гдањск.
„Данска има застрашувачка репрезентација, но лани успеавме да ги изненадиме со победата на ЕП. Мислам дека не очекуваа така да им се спротивставиме, но поради тоа денеска ќе бидат максимално подготвени и фокусирани. Пред нас е тешка битка од која ќе можеме да излеземе како победници само доколку одиграме перфектен натпревар“, истакна Жоан Канелјас, еден од најискусните во таборот на „црвената фурија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА