Се е подготвено за стартот на новата ракометна сезона, што ќе биде означен со денешниот дуел во Гевгелија меѓу шампионот Е. Пелистер и освојувачот на Купот на Македонија, тимот на Алкалоид (19 часот).
Битолчани стигнаа до втората шампионска титула во низа, во меѓувреме дополнително го засилија играчкиот кадар во надеж дека не само што ќе ја продолжат доминацијата на домашната сцена, туку и ќе остварат далеку подобри резултати во Лигата на Шампионите. Битолчани успеаја да слават на Струшкиот турнир, потоа учествуваа и на турнирот во Добој, но на последниот меч загубија од Загреб со убедливи 17 гола разлика.
„Можам да кажам дека беше задоволство да се игра на трите квалитетни турнири. Нашата замисла беше да направиме некоја ситуација која ќе нè чека годинава. Првенството ќе биде тешко, но и доста поинтересно. За системот натпреварување среда-сабота мораше да се подготвиме и да го изменаџираме со овие припреми, со многу пријателски натпревари со различен тип на екипи. Презадоволен сум од прикажаното. Можеби овој висок пораз од Загреб дојде како последен тест, но се насобра целото отсуство од дома и натпреварите ден за ден. Набрзо мислам ќе се заборави со мечот во Суперкупот против Алкалоид“, изјави тренерот Бранислав Ангеловски.
Избраниците на Кире Лазаров остварија историски успех откако се закитија со куп-трофејот, во финалето на пенали славејќи токму над денешниот противник. Сепак, стратегот на Алкалоид е свесен дека во денешниот дуел пред неговиот тим е нов сериозен предизвик.
„Ќе играме со многу цврста и квалитетна екипа, а можам да кажам и многу искусна. Пред нас е тешка задача и голем предизвик. Ќе го дадеме на терен нашето најдбро во моментот и спортски ќе се надеваме на позитивен резултат. РК Еурофарм Пелистер е уште поквалитетен од минатата година и очекувам квалитетен ракомет и на Суперкупот во Гевгелија“, изјави Лазаров пред денешниот меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА