Последното коло од регуларниот дел од Првата кошаркарска лига започнува денеска со пет натпревари од кои четири ќе бидат одиграни во Скопје и еден во Гостивар и истите ќе го дадат конечниот изглед на табелата и двојките за четвртфиналето од разигрувањето за титула.
Возбудувањата започнуваат од 16 часот во СРЦ „Кале“ каде ТФТ го пречекува Куманово во натпревар во кој „црно-белите“ ќе целат на победа со која ќе стигнат до третата позиција на табелата во пресрет плеј-офот. Час подоцна во Кисела Вода, Академија ФМП го пречекува Еуро Никел во натпревар во кој гостите немаат право на грешка доколку сакаат да ја задржат шестата позиција на табелата.
Од 18 часот и 30 минути не очекуваат две средби. На „Кале“ Работнички силите ќе си ги одмери со Кожув, додека во СЦ „Јане Сандански“ ќе се сретнат минатогодишните финалисти МЗТ Скопје и Пелистер во средба која може да го одбележи и овосезонското финале.
Победа за „сино-белите“ или „зелено-белите“ нема да промени ништо на табелата, но согласно со најавите од двата табора не очекува интересен и неизвесн натпревар во кој скопјани и битолчани ќе целат на победа за триумфален влез во разигрувањето за титула.
Богатиот ден ќе биде комплетиран во „Младост“ каде Гостивар ќе го пречека Феникс 2010. Гостиварци не знаат за пораз на домашен терен сезонава, но за да го задржат статусот ќе мораат да слават и против скопјани против кои немаат победа во сезоната.
Избраниците на Малинков притоа ќе се надеваат на кикс на ТФТ против претпоследнопласираниот Куманово за трета позиција на табелата, додека избраниците на Дервишевиќ кикс на Еуро Никел против „академиците“ за шестото место.
22. коло од Првата лига ќе биде комплетирано во недела од 17 часот во „Парк“ каде Струмица ќе се сретне со Чаир 2030. Овој натпревар е од големо значење за двата тима во битката за опстанок, натпревар во кој домаќините немаат право на кикс доколку сакаат да ги задржат шансите за прволигашката кошарка и следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

