Битка за тронот на Европа: Ефес ја брани круната од Реал

Анадолу Ефес и Реал Мадрид ќе се сретнат вечерва во 19 часот во големото финале на Евролигата, што ќе се игра во „Штарк Арена“ во Белград. Ефес ќе ја има улогата на бранител на трофејот освоен лани, со што турскиот гигант би станал само трет клуб во 21. век што успеал да освои две титули во низа, по Макаби во 2004 и 2005 и Олимпијакос во 2012 и 2013 година.

Јасно е дека главното оружје на Ефес и на овој меч ќе бидат бековите Мициќ и Ларкин, кои цела сезона го носат товарот во тимот на Ергин Атаман. Симон е во „аут“ за овој завршен турнир, Бобуа исто така не е подготвен за настап, но значаен придонес од клупата даваaт Елајџа Брајант и Синглтон.

На спротивната страна, Реал Мадрид се пласираше во финалето по извонредниот пресврт во големото шпанско дерби со Барселона. Со тоа, „кралевите“ го продолжија своето воскреснување, овој тим имаше 17 порази на 22 меча од февруари до средината на март, но успеа да се врати во топ-форма кога е најважно, во битката за трофејот.

Вилијамс Гос ќе биде во „аут“ во финалето по повредата што ја заработи на полуфиналниот дуел со Барселона, а останува да се види каква улога ќе има Руди Фернандез, кој исто така се повреди и имаше лимитирана минутажа против каталонците.

Ефес и Реал го одбранија домашниот терен во дветее средби во регуларниот дел од сезоната, Турците славеа во Истанбул со 93-90, додека Реал беше убедлив во Мадрид, со 92-69.

Се вчитува...