Реал Мадрид и Панатинаикос ќе излезат во 20 часот на мегдан во „Убер Арена“ во Берлин во големото финале на Евролигата, апсолутно заслужено ако се знае дека двата тима прикажаа најмногу во регуларниот дел од сезоната, а потоа и рутински ги добија полуфиналните пресметки со Олимпијакос, односно Фенербахче.
Реал Мадрид е актуелен бранител на пехарот освоен лани, воедно и најтрофеен европски клуб со 11 титули, пред ЦСКА со осум. На спротивната страна Панатинаикос има шест европски круни, но денешното финале ќе биде прво по пауза од цели 13 години. Во прилог на „зелените“ оди и фактот дека досега имаат одиграно седум финалиња во елитното европско натпреварување, губејќи само едно, од Макаби во 2001 година.
Згора на тоа, на клупата го имаат Ергин Атаман, тренерот кој во последните три сезони имаше две европски титули со Анадолу Ефес, во онаа втората во финалето совладувајќи го токму Реал Мадрид.
„По една година пауза, во финалето повторно ме чека Реал Мадрид. Тие се одлична екипа, но ние сме сигурни во себе, полни сме со самодоверба. Знаеме дека во финалињата решава добрата одбрана и подготвени сме да одговориме на тој предизвик“, изјави Атаман.
На спротивната страна, Реал на клупата го има Чус Матео, младиот стратег кој ланската сезона беше пред отказ, но со освоената титула во Евролигата си обезбеди нов договор. Матео одлично ги води „кралевите“ оваа сезона, овој тим беше лидер од самиот старт на евролигашката сезона и со улога на благ фаворит влегува во големото финале.
„Ова е наше трето финале во низа, тоа доволно говори за квалитетот на работата во Реал Мадрид. Не застануваме овде, сакаме нова титула, годинава сме посилни за Факундо Кампацо, кој е наш значаен адут. Треба да внимаваме на Лесор, тој според мене е еден од најдобрите играчи во Евролигата, ќе се обидеме да го запреме, но би биле глупави кога би се фокусирале само на него бидејќи ПАО има голем број на врвни кошаркари во своите редови“, истакна Матео пред вечерашното финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА