Битка за тронот на кошаркарска Европа: Може ли Спанулис да го урне сонот на Јасикевичиус?

Монако и Фенербахче ќе излезат вечерва на мегдан во големото финале од Евролигата, дуел во Абу Даби што ќе го даде името на новиот кошаркарски првак на Европа откако бранителот на трофејот Панатинаикос беше елиминиран токму од Фенер во полуфиналето одиграно во петокот.

Вечерашниот дуел воедно претставува и тренерска пресметка на две кошаркарски легенди, Василис Спанулис од едната и Шарунас Јасикевичиус од другата страна, двајцата легендарни плејмејкери кои своевремено заедно испишуваа историја во дресот на Панатиникос. Спанулис и Јасикевичиус заедно дојдоа во ПАО во 2007 година и освоија две три титули во Грција, но и она најважното – го кренаа трофејот во Евролигата во 2008/09 предводени од Жељко Обрадовиќ на клупата.

Потоа, двајцата тргнаа на различни страни, но патиштата им се спојуваат денеска, како ривали во мечот во кој влогот е европска круна.

Јасикевичиус петта година по ред е дел од Ф4, но засега се уште е без главната награда. Првото учество како тренер му беше со Жалгирис, потоа и со Барселона, на крајот и со Фенербахче, но останува желбата да се искачи на врвот како тренер, како што тоа своевремено го стори и како играч.

На патот ќе му стои Спанулис, кој пред само неколку месеци дојде на чело на Монако, успеа да го крене тимот, најпрвин да го одведе до фајналфор, а потоа со извонредната победа над Олимпијакос и да стигне до првото финале во историјата за клубот од малото „кнежество“.

„Никогаш не би помислил дека ќе се најдеме во една ваква ситуација, еден против друг како тренери во финалето од Евролигата. Имам највисоко мислење за Спанулис, работата што ја врши со Монако е извонредна, но ние сме дојдени овде по трофејот“, истакна Јасикевичиус.

„Шарас ми е многу добар пријател. Игравме заедно, ја делевме соблекувалната, победувавме заедно. Сепак, сега 40 минути ќе бидеме лути противници, ќе направиме се што треба за нашиот тим да победи. Тоа е тоа, финале на Евролигата, нека победи подобриот“, порача Спанулис.

Големото финале се игра со почеток во 19 часот, а претходно, во 16 часот во мечот за третото место силите ќе ги одмерат грчките ривали Панатинаикос и Олимпијакос

Се вчитува...