Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид вечерва ќе ги одмерат силите во големото финале од Лигата на Европа, што ќе се игра на стадионот „Жерлан“ во Лион. Фудбалерите на Атлетико Мадрид ќе се обидат да стигнат до третата победа во низа во финалињата од ова натпреварување, откако во 2010 година славеа над Фулам, а во 2012 година „јорганџиите“ беа подобри и од Атлетик Билбао. На спротивната страна, Олимпик ќе мора да најде решение за „француската клетва“ , со оглед на фактот дека ниту еден клуб од оваа земја го нема кренато трофејот во Купот на УЕФА, ниту пак во последните години на Лигата на Европа. Тимот од Марсеј претходно ги загуби финалињата во 1999 и во 2004 година, а покрај Олимпик до финалето стигнувале и Бастија и Бордо, но без успех во битката за големиот трофеј.
„Не ни се даваат големи шанси, свесни сме за традицијата дека ниту еден француски клуб не го освоил пехарот, но ова финале се игра во Франција, што е одлична можност за нас. Едно е сигурно, ќе сториме се за да стигнеме до трофејот и да испишеме историја на францускиот фудбал“ – изјави стратегот на Олимпик, Руди Гарсија.
Во таборот на францускиот финалист неизвесен е настапот на Роландо и на Митроглу. Во случај Роландо да не настапи, тогаш Луиз Густаво ќе се повлече нешто поназад и ќе игра во дефанзивната линија, додека улогата на предводник на нападот наместо на Митроглу ќе му припадне на Жермен.
На спротивната страна, хендикеп за Атлетико Мадрид е што шпанскиот клуб на својата клупа ќе го нема Диего Симеоне, кој по суспензијата за црвениот картон против Арсенал ќе мора финалето да го следи од трибините.
Атлетико ги доби претходните две финалиња во Лигата на Европа, но оттогаш загуби две финалиња во ЛШ од Реал Мадрид, па „јорганџиите“ се надеваат дека е дојдено времето да донесат нов европски трофеј во клупските витрини.
„Искрено верувам дека е време и ние да добиеме едно европско финале. Среќата ни го вртеше грбот против Реал, но максимално сме подготвени за дуелот што е пред нас“ – оптимистички е расположен Коке.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА