Со одигрувањето на завршниот турнир од Лигата на Шампионите и официјално ќе биде спуштена завесата на случувањата во ракометна Европа за сезоната 2023/24. Местото на случувањата е исто – „Ланксес Арена“, за македонската јавност веќе неколку години помалку интересно поради фактот дека таму веќе го нема Вардар, но Келн и денеска и утре ќе биде местото каде ќе се игра врвен ракомет, а само една од четирите екипи ќе се врати дома со епитет – шампион на Европа.
Барселона е бранител на трофејот, воедно и главен фаворит за титулата оваа сезона, а каталонците во првото полуфинале закажано за 15.15 часот ќе се сретнат со Магдебург. Екс-шампионот на Германија ја заврши сезоната со девет победи и едно реми во последните десет натпревари што ги одигра, но сепак ја загуби трката за титулата од Кил. Она што е многу поважно во моментов, Магдебург е единствениот тим што сезонава успеал да ја совлада Барселона, и тоа во октомври 2023 во финалето од Суперглоуб, со 41-39 во фантастичен меч во кој беа одиграни и продолженија.
Барса оттогаш имаше перфектна сезона во АСОБАЛ, додека во Лигата на Шампионите ги имаше сите победи со исклучок на едно реми против Кил. Каталонците сепак максимално внимателно ќе влезат во полуфиналето со Магдебург, ако се знае дека Барселона во последните две сезони претрпела само три порази, но два од нив биле токму од денешниот ривал.
Во второто полуфинале закажано за 18 часот, ПСЖ предводен од „Ел Команданте“ Раул Гонзалес ќе излезе на мегдан со Киелце со Талант Душебајев на клупата. Раул пристигна во Париз со јасна амбиција да го одведе ПСЖ до врвот на Европа како што тоа го стори со Вардар, шпанскиот ракометен генијалец се уште нема успеано во тоа, но со елиминацијата на Кил во четвртфиналето покажа значителен напредок без оглед на заминувањата на неколку важни играчи.
На последните седум натпревари меѓу овие ривали секогаш победувал домаќинот, но интересно ќе биде како ќе се снајдат на неутрален терен во Келн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА