Битка за златото: Франција стои на патот до „бесмртноста“ на Данците

Данска и Франција ќе ги одмерат силите вечерва во големото финале на СП 2023, кое ќе одреди дали Данците ќе ја продолжат својата мундијалска доминација или  „триколорите“ ќе успеат да им застанат на патот. Имено, Данска со победа би станал прва репрезентација во историјата што триумфирала на три светски шампионати во низа. Од друга страна пак, Франција е без пораз на последните шест мундијалски финалиња, низа што Карабатиќ и репрезентативните колеги ќе се обидат да ја продолжат и вечерва во Стокхолм.

Едно од овие шест победени финалиња беше и она на СП 2011 што исто така се одржа во Шведска, во кое Франција за ривал ја имаше Данска, по голема борба и продолженија триумфирајќи со 37-35. Французите од тој меч во сегашниот ростер го имаат само Никола Карабатиќ, додека во данскиот табор желни за одмазда од тој пораз се Ландин, Хансен, Линдберг и Лауге Шмит.

„Ќе биде интересно финале, имаме против себе тим што игра исклучително цврст ракомет. Навивачите ќе уживаат бидејќи на дело ќе ги видат најдобрите ракометари во светот. Лично, ме радува што ќе играме со Франција во финалето бидејќи со самиот пласман сега обезбедуваме учество на Олимписките Игри во Париз“, изјави данскиот селектор Николај Јакобсен.

Овој дуел воедно ќе биде и реприза на олимпиското финале од Токио, во кое Франција славеше над Данска со 25-23.

„Данска е репрезентација од ист калибар како и Шведска. Затоа, мораме да бидеме внимателни во читањето на играта на противникот. Ние исто така сме врвна репрезентација, така што навивачите ќе можат да уживаат во одличен ракомет“, прокоментира десниот бек на францускиот национален тим, Дика Мем.

Се вчитува...