Холандија и Германија ремизираа 2-2 на дерби дуелот на денешната програма од Лигата на Нации, исход по кој и двете селекции можат да жалат што не стигнаа до цел плен.
„Лалињата“ одлично отворија и први дојдоа во водство преку Реиндерс, а при 1-0 Чави Симонс и Дамфрис не реализираа одлични шанси за втор гол. На спротивната страна на сцена стапи Ундав, кој на првиот меч како стартер за Германија најпрвин стрелаше прецизно за 1-1, а нешто подоцна му асистираше на Кимих при голот за 1-2 пред крајот на првото полувреме. „Лалињата“ тргнаа офанзивно во вториот дел и израмнија преку Дамфрис, за конечните 2-2.
Селекцијата на БиХ изненади успевајќи да остане непоразена на гостувањето против Унгарија (0-0). Избраниците на Сергеј Барбарез одиграа дисциплинирано во одбраната, Унгарците не искористија неколку убави шанси, но гостите на крајот успеаја да стигнат до посакуваниот исход – да останат непоразени во Будимпешта
Англија славеше со 2-0 на домашен терен, меч што мина во знакот на Хари Кејн. Капитенот на „гордиот албион“ го славеше јубилејниот 100. меч во репрезентативниот дрес, крунисувајќи го со два гола за заслужен триумф на домаќините, по додавањата на Александер Арнолд и на Мадуеке.
Најефикасно беше во Прага, каде Чешка по голема борба ја искористи предноста на домашен терен славејќи против Украина со 3-2. Сулц даде два гола во првото полувреме, во вториот дел прецизен беше и Соучек, додека стрелци за Украина во овој пораз беа Ванат и Судаков.
Серијата фантастични резултати на Грузија продолжи со гостинскиот триумф на оваа селекција во Албанија од 0-1, а до гостинска победа стигна и Грција на дуелот во Даблин против Република Ирска (0-2).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

