Битола чека одлука: Валтер (не) си оди од Еурофарм Пелистер!

Еурофарм Пелистер со нов катастрофален меч загуби дома од Мотор и не успеа да се пласира во нокаут фазата од Лигата на Европа на ЕХФ. Исход што е максимално разочарувачки ако се знае дека битолчани во претходните две сезони успеваа да ги минат групите во ова натпреварување, а со оглед на добрата ждрепка се надеваа дека сезонава би можеле да направат и чекор понапред. Сепак, им се случи тотално фијаско, тимот е далеку од посакуваната форма, а и познатата битолска ракометна еурофорија која се градеше од почетокот на овој проект веќе исчезнува, ако се знае дека билетите за клучниот дуел со Мотор не беа распродадени.

Причини има многу, од огромните промени во ростерот што се случија во текот на минатото лето, до низата повреди кои не дозволија „пелистерци“ комплетни да настапат на ниту еден натпревар. Сепак, добро познато правило во спортот е дека без оглед на конкретните причини за неуспехот, цехот секогаш прв го плаќа – тренерот.

Ларс Валтер дојде како прв дански тренер во историјата на машкиот клупски ракомет, некој што требаше да го одведе Еурофарм Пелистер чекор понапред, по ланската загубена титула од Вардар и несреќната елиминација во ЛЕ од Нексе. Битолчани почнаа бавно (реми со Еурофарм 2 и среќна победа над Пролет во Скопје), но со толку многу нови ракометари и за очекување беше да треба да мине време за тимот да „кликне“ и да почне да функционира како силен колектив. Не само што тоа никогаш не се случи, туку напротив – како што одминуваше времето, така и играта на Еурофарм Пелистер беше се послаба, што резултираше со ова големо европско разочарување. Валтер не успеа да состави екипа што ќе игра препознатлив ракомет, засилувањата што ги носи во тек на сезоната се далеку од топ-играчи, па кога се ќе се собере и одземе – иднината на „пелистерци“ под водство на овој стручњак воопшто не е розова.

Затоа, сега на потег е управата, која ќе треба да пресече дали да му даде шанса на Валтер да ја спаси сезоната со борба за титула, или со време да се реши за тренерска смена. Затоа што влогот е огромен – битка со Вардар (кој исто така е далеку од ланската форма) од која нов неуспех ќе значи и тотален колапс и уште поголемо разочарување меѓу навивачите.

Се вчитува...