Пелистер домашните натпревари на почетокот од пролетната сезона ќе мора да ги игра надвор од Битола, со оглед на тоа што од општината не успеаја да го завршат претходното ветување за изградба на привремени соблекувални кои ќе овозможат прволигашки фудбал и за време на реконструкцијата на „Тумбе кафе“.
Според првичните најави за време на зимската пауза се очекуваше општината да постави привремени соблекувални, како Пелистер трката за Европа би ја водел на домашен терен. Но, во моментов нема неопходни две соблекувални во Битола, па според најавите Пелистер домашните натпревари ќе ги игра на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.
„Упатувам јавна молба до одговорните лица околу стадионот во Битола и неговата состојба во моментов. Мора за времето додека сме ние во Аланија, да се среди ситуацијата со соблекувалните на стадионот ’Тумбе кафе’. Заслужува Пелистер да ги има оптималните услови за работа. Како што сите знаеме старите соблекувални повеќе ги нема, и сега ние ги немаме потребните услови за работа на стадионот. Уште еднаш замолувам овој момент да биде решен што поскоро како Пелистер би можел да игра на домашен терен“ – молеше на стартот од зимските подготовки и тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои.
Но, неговата желба остана неисполнета на стартот од пролетната сезона. Првиот натпревар од вториот дел во шампионатот, „пелистерци“ го играат како гости против Победа, и тоа во Струмица, поради реконструкцијата и на стадионот во Прилеп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА