Битола слави: Пелистер прв го најде лекот за Вардар

Ракометна Битола има причина за славје откако „зелено-белите“ вечерва славеа на дербито со Вардар со резултат 28-23, враќајќи се во игра во трката за титулата. Вардар имаше перфектен скор од стартот на суперлигашката табела, но „црвено-црните“ вечерва потфрлија пред се во нападот, дозволувајќи противникот да се одлепи и на крајот да се радува на победата. Сеид Хеидарирад беше херојот на битолчани со серија одлични одбрани и период од 10 минути без примен гол, во кои Пелистер го сврте резултатот во своја полза и си го трасираше патот до победата.

„Вардарци“ беа дури и подобар ривал во првиот дел од првото полувреме, во кој „црвено-црните“ во неколку ситуации имаа и по два гола предност, а еднаш и плус три (4-7). Последната позитива на лидерот на табелата беше при 8-10, по што следеше серија од пет гола на „пелистерци“, три од нив дело на Радивојевиќ  за водство од 13-10, резултат со кој се замина на одмор.

Пешевски презеде поголема одговорност во нападите на шампионот во второто полувреме и ја оправда довербата, па предноста на Пелистер се искачи и на пет гола (20-15), а потоа преку Хосни и на најубедливи 21-15. Вардар не се предаде, ја преполови негативата на 21-18, но Радивојевиќ од пенал ја прекина оваа мини-серија на гостите. Кузмановски со фантастичен гол од девет метри ја врати сигурноста во играта на „пелистерци“, додека Сеид Хеидарирад го продолжи своето шоу на голот на битолчани.

Мечот беше рутински приведен до крај, па Пелистер заслужено славеше со конечните 28-23, за уште подраматично продолжение на суперлигашката табела.

Хеидарирад со 12 одбрани даде значаен придонес во оваа голема победа, во нападот најефикасни беа Радивојевиќ со девет и Пешевски и Кузмановски со по шест погодоци, додека прв стрелец на Вардар беше Хориха со пет гола.

Се вчитува...